Новости
Стопанска банка со добивка пред оданочување од 2,7 милијарди денари во првите девет месеци од 2026
28.10.2026
Стопанска банка со добивка пред оданочување од 2,7 милијарди денари во првите девет месеци од 2026 година и континуиран раст на кредитната активност
Во првите девет месеци од 2026 година, Стопанска банка АД – Скопје оствари добивка пред оданочување од 2,7 милијарди денари, задржувајќи високо ниво на профитабилност и финансиска стабилност во услови на зголемена неизвесност во глобалното економско окружување. Вкупната актива на Банката достигна 160,1 милијарди денари, додека кредитното портфолио порасна на 113,6 милијарди денари, што претставува раст од 4 % во однос на крајот на 2025 година. Истовремено депозитите достигнаа 123,2 милијарди денари и се повисоки за 3 % споредено со крајот на минатата година.
Остварените резултати ја потврдуваат финансиската стабилност на Стопанска банка и довербата што клиентите континуирано ни ја укажуваат. И покрај предизвиците во меѓународното економско окружување, Банката продолжи да обезбедува силна поддршка за населението и деловниот сектор, одржувајќи високо ниво на ликвидност, капитална адекватност и ефикасно управување со ризиците. Клучен приоритет и понатаму останува одржливиот и долгорочен раст, проследен со континуирано унапредување на производите, услугите и целокупното корисничко искуство.
Еден од најзначајните настани во анализираниот период беше целосното ставање во функција на новата централа на Банката, првата деловна зграда во земјата со LEED Gold сертификат, што претставува потврда за посветеноста кон одржливост, енергетска ефикасност и современи стандарди во работењето.
Во текот на третиот квартал Банката продолжи со реализација на својата дигитална трансформација и модернизација на услугите, вклучително и миграцијата на Mastercard картички, со цел воведување нови функционалности и дополнителни придобивки за клиентите. Истовремено Стопанска банка останува активно посветена на поддршка на економскиот развој и реализација на општествено одговорни проекти во заедницата.
Стопанска банка и во наредниот период ќе продолжи да инвестира во дигитални решенија, унапредување на корисничкото искуство и поддршка на македонската економија, притоа одржувајќи силна капитална позиција, стабилна ликвидност и прудентно управување со ризиците.