Потпишан договор за соработка помеѓу Стопанска банка АД – Скопје и Триглав пензиско друштво АД - Скопје
29. 12. 2021
Потпишан договор за соработка помеѓу Стопанска банка АД – Скопје и Триглав пензиско друштво АД - Скопје
Во интерес на проширување на палетата на производи и услуги достапни за клиентите, Стопанска банка АД – Скопје потпиша Договор за соработка со Триглав пензиско друштво АД – Скопје.
Со официјализирање на соработката и спроведување на подготвителни активности, наскоро нашите продажни центри ќе станат канали каде заинтересираните граѓани ќе може да се информираат за понудата на Триглав пензиското друштво – за членство во задолжителниот пензиски фонд од вториот столб или за членство во доброволниот пензиски фонд / склучување на договори за организирање на професионални пензиски шеми од третиот столб.
Како Банка со најдолга традиција на пазарот, мисијата на Стопанска банка е да воведува и развива производи, сервиси и услуги со кои клиентите ќе имаат можност да управуваат со своите финансии и да ги реализираат своите планови и амбиции.
Во таа насока, Банката соработува со осигурителни компании за животно и неживотно осигурување а отсега преку продажните канали на Банката ќе може да се склучуваат и договори за приватно пензиско осигурување од вториот и третиот столб.
Г. Диомидис Николетопулос, Генералниот извршен директор и Претседател на Управниот одбор на Стопанска банка АД – Скопје на потпишувањето на договорот изјави: „Не радува фактот што со потпишување на договорот за долгорочна соработка помеѓу двете реномирани компании, на нашите клиенти можеме да им понудиме нови финансиски сервиси како што се приватните пензиски фондови на Триглав, а на нашите вработени да им овозможиме нови алатки за реализација и можност за услужување на нови клиенти.
Дополнително, соработката, како нов деловен процес, е од големо значење за Банката и ќе придонесува во успехот и остварувањата по веќе воспоставени и прилагодени деловни процеси. Па така, на потпишувањето на овој договор гледаме како на додадена вредност за сите вклучени страни.“
Г. Тихомир Петрески, Претседател на Управниот одбор на Триглав пензиско друштво АД – Скопје изјави: „Групацијата Триглав со своите активности е веќе препознатлив бренд во поширокиот регион, а со формирањето на Триглав пензиско друштво ја заокружи комплетната понуда на осигурителни производи на македонскиот пазар. Особено ме радува фактот што добивме партнер како Стопанска банка АД Скопје, реномирана и водечка институција во делот на банкарство на мало, со која заедно ќе делуваме на подигнување на нивото на финансиска едукација на населението во областа на капитално финансираното пензиско осигурување.
Сакам да изразам благодарност до мојот тим и до тимот на Стопанска банка за придонесот кон успешното поставување на темелите за соработка, која во следните години очекуваме да резултира со зголемена достапност и повисоко ниво на квалитет на услугите за сите граѓани, како и со зголемување на пазарното учество и подобрување на финансиските резултати на двете компании”.
До отпочнување со активностите двете компании ќе ги обезбедат сите потребни предуслови за непречено спроведување на понудата до крајните корисници.
Стопанска банка АД – Скопје
На ваша страна
Повеќе за Триглав пензиско друштво АД – Скопје
Повеќе за Стопанска банка АД - Скопје