Новогодишна донација на клиники за гинекологија и акушерство
28. 12. 2023
Новогодишна донација на клиники за гинекологија и акушерство
Стопанска банка АД-Скопје дел од средствата наменети за новогодишна репрезентација/подароци за вработените, партнерите и соработниците ги пренамени за донација која ќе има големо значење за пошироката заедница.
Имено, донација ќе добијат двете најголеми државни гинеколошки клиники, Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК) и Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир.
На барање на клиниките, Стопанска банка донира посебни таканаречени столици за кенгурирање кои се наменети за подобрување на примарната грижа на предвреме родените бебиња кои престојуваат подолг период на клиниките. Овие столици се користат за таканаречена кенгурска нега на мајката, техника на згрижување на новороденчето преку директен контакт со кожата на еден од родителите додека престојува во болница. На тој начин новороденчето добива физиолошка и психолошка топлина и поврзување, при што искуствата покажуваат дека кенгурирањето полесно ја регулира телесната температура на новороденчето отколку инкубаторот.
Донацијата на Стопанска банка е новогодишен подарок за најмладите и најкревките членови на заедницата, предвреме родените бебиња, но и за сите родители кои се исправени пред еден од најголемите предизвици во животот.
Сакаме новата година да ја започнеме со добра и позитивна мисла дека сме направиле нешто значајно за целата заедница, со надеж дека годината ќе донесе многу насмевки и ведрина. Оваа донација е наш влог во иднината, наш придонес за идните генерации и наша поддршка за семејствата на предвремено родените дечиња. Среќни сме што може да придонесеме за уште подобра нега на најкревките членови на заедницата и тоа во првите моменти од нивното раѓање, чекор кој е многу значаен во нивниот натамошен напредок.
Стопанска банка останува да биде активен поддржувач на здравствениот сектор.
На ваша страна