Microsoft Office Specialist 2018
31.05.2018
Прогласен македонскиот Microsoft Office Champion 2018
Денес во просториите на i-bank store филијалата на Стопанска банка АД - Скопје, се одржа големото финале од проектот за унапредување на дигиталната писменост во Р. Македонија - Национален MOS (Microsoft Office Specialist) натпревар.
На натпреварот кој започна кон крајот на декември 2017, се пријавија повеќе од 1000 млади, од кои 40 со најдобар резултат влегоа во денешното финале. Овогодинешниот победник кој ќе ја застапува Македонија во Орландо, Флорида како најдобар Microsoft Office Specialist е ЈОРДАНЧО ЕФТИМОВ, од Кочани. Јорданчо ќе се натпреварува со претставниците на повеќе од 140 земји и ќе се бори за титулата најдобар Microsoft Office Specialist во светот.
На отворањето на финалето, свое обраќање до јавноста имаа заменик градоначалникот на Град Скопје, г. Енвер Малиќи, г-а Милица Чапаровска - Јовановска, генерален директор за банкарство на мало при Стопанска банка АД - Скопје, директорот на Certiadria г. Марко Серафимовски како и директорката на Семос Едукација, г-ѓа Валентина Тасевa.
Град Скопје, како партнер во организирањето и спроведувањето на МОС натпреварот, и оваа година овозможи бесплатно тестирање за 500 учесници.
„Со самото тоа што стигнаа до денешниот натпревар, според нас сите финалисти се победници и шампиони. Затоа, Банката им додели ваучери од 5.000 мкд и се надеваме дека без оглед на исходот од денес, финалистите ќе си заминат со награда и со насмевка на лицето.
Банката останува посветена на промовирање на вистинските вредности и посветена кон финансиската едукација која е неопходна за самостојниот живот на младите по осамостојувањето. Токму на овие постулати ја основавме и нашата TOPSI платформа која е дел од нашите напори како генерација да ги обезбедиме неопходните ресурси за градење на кариерата и иднината на младите тука.“– изјави Милица Чапаровска - Јовановска, Генерален директор за банкарство на мало при Стопанска банка АД – Скопје.
MOS (Microsoft Office Specialist) натпреварот е наменет за млади лица на возраст од 13 до 22 години, односно за сите ученици од основните и средните училишта, како и студентите на факултетите. Учесниците на овој натпревар имаат можност да ги покажат своите вештини во познавање на Microsoft Office алатките: Word, Excel и PowerPoint (2013 или 2016).
За прв пат оваа година се одржа и Националниот Adobe натпревар, на кој се натпреваруваа 100 учесници. Финалето ќе се одржи следната недела. Победникот ќе ја застапува нашата држава во Флорида, САД на светскиот Adobe шампионат.
Стопанска банка АД - Скопје
На ваша страна