header image

Интервју со г. Тони Стојановски, Генерален директор за корпоративно банкарство, член на Управен одбор

18. 2. 2022

 

Интервју со г. Тони Стојановски, Генерален директор за корпоративно банкарство, член на Управен одбор

 

Прочитајте го интервјуто со г. Стојановски објавено во февруарскиот број на магазинот Економија и бизнис.

 

Заеднички со нашите клиенти градиме перспективи за иднината


E&Б: Во време на пандемија логично е да го започнеме разговорот за последиците од неа врз работењето на банките. Како се справија со предизвикот? Што покажуваат резултатите на Стопанска банка АД − Скопје за 2021 година?

Т. Стојановски: Веќе две години пандемијата е дел од нашите животи, нови навики и предизвици. Како и сè друго што ги следи природните закони, во кризи како оваа, единките и системите кои се поздрави и посилни, кои претходно вложувале во својата енергија, виталност, подобри навики и здравје, се поотпорни на ударите на кризата. Поради тоа се многу важен дел на заедниците, бидејќи помагаат тие поуспешно да се справат со предизвиците на кризата, да се намалат загубите и да се одржи континуитетот во секојдневното живеење. Тука би сакал да направам паралела со улогата на банките и на банкарскиот сектор во оваа криза. Имено, на глобално ниво, за разлика од претходната голема криза, банките ја пречекаа пандемијата подготвени да бидат дел од решението, а не дел од проблемот, во најголема мера како резултат на робусните мерки кои беа преземени, преточени главно преку Базел 3 стандардите. Нашиот банкарски сектор, како и во претходната криза, така и во оваа пандемија покажа капацитет за апсорпција на шоковите кои ги носи кризата со себе, без да реемитува понатаму негативни бранови кон економијата, со сите последици од тоа. Со стапка на адекватност на капиталот од над 17 %, нефункционални пласмани под 4 %, целосно покриени со резервации, силна ликвидносна позиција и здрава профитабилност, банките и во оваа пандемија покажаа дека се здраво ткиво и силна поткрепа на нашава економија и општество.
Стопанска банка АД − Скопје, како една од системски најважните банки во земјава, во текот на пандемиските 2020 и 2021 година го одржа повеќегодишниот континуитет на успешно работење со постигнати високи резултати по сите основи. Така банката ја заврши 2021 година со добивка пред оданочување од 2,7 милијарди денари, вкупнo кредити од 81 милијарда денари и вкупен капитал од 19,8 милијарди денари. Со тоа и понатаму Стопанска банка АД − Скопје останува банка со најголемо кредитно портфолио и најголема капитална сила во земјава, како и висока профитабилност која претставува еден од столбовите на натамошно јакнење на капиталната позиција, на стабилноста и на идните перспективи на банката.

 


E&Б:Како се однесуваа кредитокорисниците на банката во изминатава година?

Т. Стојановски: Од почетокот на пандемијата во март 2020 година, покрај мерките за заштита на здравјето на нашите вработени и сите клиенти кои секојдневно ги посетуваат просториите на банката, обезбедување на континуитет во работењето и испорака на услугите кон клиентите и економијата, еден од најважните приоритети беше одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио. Притоа беше потребно да се синхронизираат две многу важни цели. Едната, да се разберат состојбата и проблемите со кои се соочуваат кредитокорисниците и доколку е потребно соодветно да се излезе во пресрет преку дизајнирање на променети услови на отплата на кредитите кои, во дадените кризни околности, се конзистентни со нивните изменети парични текови. Втората цел беше да се одржи кредитната активност и да продолжи испораката на кредитна поддршка на компаниите и на населението. Од оваа временска перспектива може да се каже дека банката успешно ги исполни двете цели. Кредитниот раст кој го остваривме минатата година е 9,5 %. Притоа кај населението растот на кредитите е 6,2 %, додека кредитната поддршка на компаниите забележа раст од високи 16,3 %. Нашите клиенти кредитокорисници го препознаваат партнерскиот пристап на банката и даваат исклучително важен придонес во исполнувањето на погореспоменатите цели. Тука посебно треба да се истакне важноста на континуитетот во испораката на свежи пари на економијата, која не би била можна при поинакво однесување на нашите кредитокорисници. Од тој аспект, банката е горда и е благодарна на своите клиенти бидејќи заеднички и со заемен интерес остваруваме многу, градејќи перспективи за иднината.

E&Б: Што очекувате од 2022 година во однос на македонската економија?

Т. Стојановски: Треба да очекуваме продолжување на процесот на закрепнување на економијата што ќе доведе до враќање на нивото на економска активност од 2019 година. Притоа енергетската криза, пандемијата и сенката на инфлаторните притисоци остануваат високо на агендата на прашањата со кои ќе треба да се справуваме во текот на оваа година. Во ваква околина кај бизнисите останува потребата за перманентно преиспитување на бизнис-моделите, стратегиите и плановите за работа, како и потребата од динамични, но внимателни одлуки. Истовремено предизвикот кај креаторите на економските политики во земјава е справување со енергетската криза, како и внимателност кај фискалната и монетарната политика во однос на инфлаторните притисоци. Не треба да постои никаква дилема дека основното сидро на макроекономската стабилност на земјава останува стабилниот курс на денарот, што е од исклучителна важност за економијата во целина, но и за секој поединечен бизнис и секое домаќинство во земјава.

E&Б: Во изминативе десетина години Стопанска банка АД − Скопје беше доминантно насочена кон кредитирање на населението и беше лидер на пазарот во тој сегмент. Но, сега банката има амбициозен пристап во насока на зголемување на учеството на кредитите на правни лица во вкупното кредитно портфолио на банката. Вие раководите со активностите на банката насочени кон кредитирање на правни лица. Што би истакнале во врска со ова?

Т. Стојановски: Стопанска банка АД − Скопје е лидер на банкарскиот пазар во земјава со најголемо портфолио на кредити, кое на крајот на 2021 година достигна ниво од 81 милијарда денари. Со тоа банката обезбедува оптимална искористеност на својата депозитна база преку ефикасна алокација на прибраното национално штедење во пласмани кај населението и компаниите. Притоа, како од аспект на банката, така и пошироко за економијата, од големо значење е да се направи подобар баланс во кредитирањето на населението и на компаниите. На тој начин банкарското кредитирање ќе резултира со поголеми ефекти врз растот на економијата што, пак, има свое позитивно влијание врз обезбедувањето на одржливоста на кредитната активност и квалитетот на банкарските кредитни портфолија на среден и долг рок. Тргнувајќи од оваа премиса и следејќи ги долгорочните интереси на банката, од крајот на 2019 година започнавме со примена на нова стратегија во корпоративното банкарство, кое заедно со кредитирањето на малите бизниси го сочинува сегментот на кредитирање на правни лица. Основната цел на новиот пристап е зголемување на пазарното учество на банката во сегментот на корпоративното банкарство преку сеопфатна понуда на пазарно висококонкурентна банкарска поддршка на работењето на компаниите. Банката направи многу промени во својот пристап во овој сегмент преку целосно препознавање на потребите на компаниите и барањата кои ги наметнува пазарот. Тоа беше соодветно препознаено како од постојните клиенти, така и од многу други компании кои во текот на последниве две години се определија да ги доверат своите финансиски потреби на Стопанска банка АД − Скопје во која гледаат стабилен деловен партнер на долг рок. Успешното имплементирање на новиот пристап на банката во овој сегмент доведе до релативно високи стапки на раст на кредитирањето на компаниите, дури и во услови на две многу тешки пандемиски години. Така, во 2020 година банката оствари раст на кредитите за компаниите од 12,1 %, додека во 2021 година оваа стапка достигна 16,3 %. Со тоа, во текот на претходните две години, банката го зголеми својот пазарен удел во кредитирањето на компаниите од 12,9 % на 15,4 %. Овој тренд продолжува и понатаму.

E&Б: Дали имате диференциран пристап од аспект на тоа дали се работи за големи компании, мали и средни фирми или стартапи?

Т. Стојановски: Секоја компанија, без разлика на нејзината големина, има потреба од индивидуален пристап при што поединечно се идентификуваат потребите за финансирање и се прави соодветно дизајнирање на структурата на кредитните производи кои најдобро ќе послужат за финансирање на нејзиниот бизнис-модел. Со други зборови, секоја компанија и нејзиниот бизнис се приказна за себе и целосното разбирање на таа бизнис-приказна и нејзините перспективи од страна на банката лежи во основата на воспоставување на здрав партнерски однос кој секогаш резултира со успешна соработка и остварување на зеднички бизнис-интереси на долг рок.

E&Б: Има една стара изрека дека парите за кредитирање никогаш не се проблем, пари има, потребни се идеи, проекти... По правило, компаниите се жалат дека банките се премногу строги, дека бараат преголемо обезбедување за кредити, дека не поддржуваат проектно финансирање. Има ли вистина во ова?

Т. Стојановски: Секаде во светот банките како финансиски посредници се обврзани пред своите акционери, депоненти, регулатори и пошироката јавност да бидат внимателни при пласирањето на прибраните средства и да следат прецизно дефинирани стандарди при кредитирањето. Иако се случува во текот на разговорите за ново кредитирање меѓу банката и компанијата да се креира импресија дека преговараат две страни со спротивставени интереси и од тој аспект дека едната или другата страна бара премногу или бара нелогични работи, сепак искуството покажува дека секогаш кога кај двете страни има минимум ниво на професионалност и разбирање за основните поставки на бизнисот, заедничкиот интерес веднаш излегува на виделина и тогаш е полесно да се дојде до договор. Многу е важно компанијата да има јасни цели и пред сè, за себе, за целите на сопствениот финансиски менаџмент, да биде сигурна дека новата инвестиција, новиот проект или ширењето на постојниот бизнис за кој се бара банкарско кредитирање се целосно економски оправдани и дека паричните текови кои ќе ги донесе ќе бидат доволни за покривање на сите трошоци, за сервисирање на бараниот кредит и за остварување на профит за компанијата. Од моето долгогодишно искуство во банкарскиот сектор можам да кажам дека не познавам компанија која презентирала добар проект и/или успешен бизнис-модел и останала без банкарско финансирање. Банката секогаш треба да остане отворена да ги слушне и да ги разбере перспективите на компанијата, нејзините планови и анализи со цел да биде корисен партнер во меѓусебната комуникација, дури и доколку треба да каже не за бараното финансирање бидејќи, во крајна линија, тоа е во интерес и на самата компанија која не сака да влезе во несигурна зона и да си креира проблеми во идното работење.

E&Б: Какви се проекциите на банката за кредитирањето во 2022 година?

Т. Стојановски: Како и во претходната година, во 2022 година продолжуваме со остварување на утврдените деловни цели на банката во насока на одржување на лидерската позиција на пазарот на кредити на население и зголемување на пазарното учество во делот на кредитирањето на компаниите. Неизвесностите од пандемијата се сè уште на високо ниво и заедно со енергетската криза и инфлаторните притисоци наметнуваат потреба за дополнителна внимателност при кредитирањето. Сепак, продолжувањето на трендот на закрепнување на економијата, како глобално, така и кај нас, заедно со очекувањата за крај на пандемијата, даваат реална основа за подобра година во која ќе видиме намалување на неизвесностите и зголемување на економската активност. Ова, заедно со силната капитална и ликвидносна позиција на банката, востановениот успешен бизнис-модел, како и експертизата која ја поседуваме води кон продолжување на интензивната кредитна поддршка на компаниите и на населението.

E&Б: Да се осврнеме и на новите технологии во банкарството. Се сеќавам на времињата кога банката го воведуваше тогаш новиот оперативен систем Глобус, тоа беше вистинска мала „револуција“ во нејзиното работење. Дали новите технологии, дигитализацијата итн. ќе ги трансформираат банките во технолошки компании?

Т. Стојановски: Да, системот Глобус и по 20 години од неговото воведување во банката сè уште претставува еден од најсофистицираните оперативни системи за банкарско работење во нашава околина и обезбедува силна оперативна поддршка на работењето на банката. Истовремено, следејќи ја појавата и развојот на новите технологии и дигитализацијата, како и потребите на нашите клиенти од тој аспект, Стопанска банка перманентно вложува во иновирање на своите производи и услуги и каналите за комуникација и продажба. Пандемијата која сè уште ја живееме дополнително ја потенцираше потребата од дигитализација на услугите и продажбата на банкарските производи, како и промовирање, односно прифаќање на новите пристапи од страна на нашите клиенти. Генерално би кажал дека процесите на дигитализација се предизвик не само за банките, туку воопшто за сите компании. Посебно во мали економии како што е нашава, тие мора да најдат начин да егзистираат и да се развиваат во услови на глобализација која наметнува свои правила на игра во чии рамки најголемите играчи на глобалниот пазар ги диктираат трендовите, но и трошоците за следење на тие трендови кои многу често помалите економии или компании не можат да си ги дозволат или оправдаат од аспект на економијата на обемот со која располагаат.

E&Б: Појавата и развојот на финтек компаниите ја менува институционалната инфраструктура во финансискиот сектор. Дали тие претставуваат конкуренција за банкарскиот сектор?

Т. Стојановски: За добрите и сериозни пазарни чинители, здравата конкуренција е секогаш добредојдена. Но, тоа значи дека секој кој сака да врши определена дејност да се појави на пазарот и да испорачува одредена услуга, треба да исполни исти барања и критериуми како и сите останати. Со други зборови, треба да се внимава да се обезбеди “level playing field” во чии рамки ќе владее здрава конкуренција. Ова е голема дискусија и во меѓународни рамки и без сомнеж овие трендови ќе доведат до натамошно зголемување на конкуренцијата во финансискиот сектор. Меѓутоа, дали тоа ќе доведе и до поголеми бенефити за потрошувачите на финансиски услуги во голема мера ќе зависи од условите за фер и здрава конкуренција на пазарот.

E&Б: Вие бевте еден од иницијаторите и дизајнери на основањето на Македонската банкарска асоцијација чиј потпретседател сте во моментов. Како одат работите на тој план?

Т. Стојановски: Македонската банкарска асоцијација/МБА беше основана во април 2018 година, следејќи ги најдобрите практики за организирање на институции од ваков вид во Европа, вклучително и во нашиов регион. Ова беше направено со силна поддршка од страна на Европската банкарска федерација/ЕБФ со седиште во Брисел, каде што сме асоцијативна членка. Непосредно по основањето на МБА, во мај 2018 година, во Скопје беше организиран годишниот состанок на асоцијативните членки на ЕБФ со кој претседаваше нејзиниот главен извршен директор г. Wim Mijs. Неговата посета на Скопје и одржувањето на оваа средба симболично го означи почетокот на работењето на МБА, силно поддржана и интегрирана во системот на ЕБФ. Оттогаш наваму, со посветеност и ентузијазам на сите наши членки, МБА се гради во институција која е препознаена како адреса на која доаѓаат сите прашања од општ интерес поврзани со работењето и интересите на сите нејзини членки. Важноста и значењето на оваа асоцијација дојде до израз и во текот на кризата со пандемијата кога многу работи кои требаше да се направат од страна на банкарскиот сектор во однос на одложувањето на отплатите на кредитите, исплатата на пензиите, мерките за заштита на здравјето на нашите клиенти итн., во координација со Народната банка, Владата, надлежните министерства итн., беа успешно канализирани и одработени преку МБА, со конкретни резултати кои ги постигнавме заеднички.

Пребарај

Најчести прашања

Доколку ви е потребен банкомат посетете го делот Локации на нашата веб страна, каде што може да го најдете најблискиот банкомат до вас.

За аплицирање за некој од нашите кредитни производи посетете го делот Кредити, каде што ќе може да аплицирате online или пак да аплицирате телефонски на бројот 15 110.

За увид на сметка online мора да имате корисничко име и лозинка за кои е потребно да се обратите во најблиската филијала. Преку e-banking и m-banking сервисите имате достапност од 24/7 online увид и плаќања преку вашите сметки.

За аплицирање за некоја од нашите кредитни картички, онлајн, може да го користите следниов линк Картички, доколку пак сакате индивидуални пресметки и телефонски да аплицирате може да се обратите на телефонот 15 110 - Ало Кредит.

 

24 часа КОНТАКТ ЦЕНТАР

За дополнителни информации обратете се на

Веб-страницата на Стопанска банка АД - Скопје користи „колачиња“ кои собираат податоци за корисниците. Овие податоци помагаат на Банката да обезбеди подобро корисничко искуство, како и подобра функционалност на услугите и веб-страницата. Со одбирање на опцијата „Ги прифаќам сите колачиња“ давате согласност за начинот на кој ги користиме „колачињата“. За други опции, одете во „Поставки за колачиња“. Дополнително, користењето на веб-страницата на СБ не е условена од прифаќањето на колачињата иако на тој начин одредени процеси може да не бидат технички оптимизирани за вашето лично корисничко искуство.