header image

Годишно интервју со г. Николетопулос во „Економија и бизнис“

26.12.2024

 

Годишно интервју со г. Николетопулос во „Економија и бизнис“


Иднината бара внимателно балансирање меѓу технологијата и личниот пристап кон клиентите

Годинава Стопанска банка АД − Скопје слави осумдесет години од своето постоење. Што значи за вас овој јубилеј? Како ја оценувате повеќедецениската улога на банката? Какво е чувството да се биде на чело на ваков ентитет?

Д. Николетопулос: Осумдесетгодишнината е момент на неизмерна гордост за сите нас во Стопанска банка која не само што симболизира долговечност туку е и доказ за издржливоста, за приспособливоста и за нашата посветеност кон клиентите и економијата на Северна Македонија. Низ годините, Стопанска банка имаше значајна улога во обликувањето на домашното финансиско окружување.
Оттука, да се биде на чело на оваа институција повеќе од 10 години, особено во овој јубилеен момент, е воедно и чест и одговорност. Свесен сум за тоа што е создадено досега и за иднината што мораме да ја обликуваме за банката да продолжи да напредува и за генерациите што доаѓаат.

Како ги оценувате моменталната позиција и перформансите на Стопанска банка АД − Скопје на банкарскиот пазар?

Д. Николетопулос: Стопанска банка останува да биде лидер на домашниот банкарски пазар препознаена по својата стабилност, иновативност и по довербата која ја влева кај клиентите. Продуцираме и понатаму силни финансиски перформанси, имаме робусно, но и разновидно кредитно портфолио и солиден пазарен удел. Оваа лидерска позиција не се однесува само на големината туку и на влијанието што го имаме врз економскиот раст, на поддршката на бизнисите и во поттикот за физичките лица во остварување на своите аспирации.
Очекуваме да ја завршиме годинава со уште еден врвен резултат, односно со околу 20 % поголема добивка во споредба со веќе многу успешната претходна година. Стопанска банка не е само најпрофитабилна банка, туку и банка со најсилна капитална основа, самофинансирана банка од домашни депозити, благодарение на целосната доверба која ја ужива кај штедачите. Поточно, во 2024 година го подобривме квалитетот на активата (со коефициентот на нефункционални кредити на најниско ниво досега), на стапките на ликвидност, како и на стапката на адекватност на капиталот која моментално е над 18 %.

Бидејќи падот на каматните стапки веќе започна и се очекува да продолжи и во наредниве години, како овој тренд ќе влијае на Стопанска банка и особено на нејзината профитабилност која, моментално, е на многу високи нивоа? Кој е планот на банката за решавање на ова прашање и за идните предизвици?

Д. Николетопулос: Навистина, падот на каматните стапки започна и се очекува да продолжи и во наредниве години, што ќе влијае на профитабилноста на сите банки. Сепак, поради структурата на нашиот биланс на состојба и мешавината/диверзификацијата на кредитното портфолио, се проценува дека влијанието врз Стопанска банка ќе биде помалку забележливо. Дополнително, амбициозниот план кој го имаме за проширување со значителен раст на нашето кредитно портфолио ќе го компензира намалениот приход од падот на каматните стапки и банката ќе остане на постојните и на уште повисоки нивоа на профитабилност и во следниве години.
Во оваа насока, за поддршка на нашиот раст и за гарантирање на нашата профитабилност, веќе започнавме важна програма за трансформација на банката. Оваа програма вклучува големи инфраструктурни инвестиции (нови системи и иновативни технологии, нова управна зграда, производи и услуги, кадар итн.), како и промени во нашиот оперативен модел, што ќе ни помогнат значително да го подобриме клиентското искуство, но и оперативната ефикасност на начин одржлив на подолг рок. Накратко, програмата ќе биде во поддршка на високоамбициозните цели од Бизнис-планот и ќе ѝ обезбеди долгорочна конкурентност на банката.

На што се должат успехот и конкурентноста на Банката?

Д. Николетопулос: Ако треба да посочам на што се должи нашиот успех, би го издвоил следново:

  1. Ориентираност кон клиентите: Ние сме фокусирани да ги разбереме потребите на клиентите и го надградуваме постојано ова знаење за да ја прилагодиме понудата и да развиваме нови производи, сервиси и можности. Ние, исто така, во голема мера црпиме од искуството што го има на ова поле нашиот мнозински акционер Групацијата НБГ и нивното разбирање за глобалните и за трендовите во ЕУ.
  2. Доверба и стабилност: Конзистентните финансиски резултати ѝ обезбедија на банката сигурност, раст и одржливост, а децениите на непрекината услуга се основ за имиџот и за репутацијата на банката. Ова, секако, ни дава предност, но е и обврска за сегашните и за идните вработени во СБ да продолжат да го надградуваат и да го водат силниот бренд на Стопанска банка напред.
  3. Прудентна политика за управување со ризици: Имаме доминантни резултати на полето на управување со ризици, што се докажува со текот на годините, особено со оглед на глобалните превирања во изминативе 5 години. Докажавме дека ги разбираме пазарот и нашите клиенти и дека имаме подготвени мерки за одржување на ниско ниво на нефункционални кредити, а со тоа и резервации што, секако, помага во одржување на профитабилноста и на потенцијалот за раст.
  4. Исклучителни таленти: Нашиот посветен тим ја води визијата на банката напред, создавајќи услови банката да биде конкурентна на динамичниот локален и на регионалниот пазар.

Светската економија минува низ драматични технолошки промени. Веќе неколку години се зборува за четвртата индустриска револуција, а во поново време за вештачка интелигенција и за дигитална трансформација. Како гледате на овие процеси? Како тие ќе се одразат на банкарскиот бизнис воопшто?

Д. Николетопулос: Четвртата индустриска револуција веќе го промени секој аспект од нашите животи и притоа банкарството не е исклучок. Вештачката интелигенција и постојаната дигитална трансформација доведуваат во прашање сè, но тие исто така создаваат и нови можности за подобрување на ефикасноста, зголемување на задоволството на клиентите и обезбедување иновативни финансиски решенија. Сепак, технолошките достигнувања бараат агилност и проактивен пристап во управување со ризиците кои ги носат, посебно со сајбер безбедноста. Затоа, за банките, иднината ќе вклучува внимателно балансирање меѓу технологијата и личниот пристап кој гради доверба и лојалност.

Како Групацијата НБГ се подготвува за новите технологии и за дигиталната иднина?

Д. Николетопулос: Како дел од Групацијата Национална банка на Грција, ние сме целосно усогласени со нејзината стратешка визија за дигиталната иднина. НБГ е веќе трансформирана во модерна и технолошки напредна банка со силен капитал и ликвидност, со сериозни планови за проширување кои не секогаш се традиционални, туку се спроведуваат преку синергии со технолошки напредни проекти кои носат додадена вредност.
Преку нивниот успешен проект за трансформација, кој започна во 2018 година, НБГ направи значајни инвестиции во нови дигитални платформи, во напредна аналитика и во решенија управувани од вештачка интелигенција за да ја подобри интеракцијата со клиентите и да ги сосредоточи оперативните активности. Целта на проектот е не е само да ја подобри ефикасноста туку и да обезбеди релевантност на услугите и нивна постојана достапност во еден динамичен свет кој не престанува да се менува. Нè радува што групацијата го споделува ова бесценето знаење за спроведување на нашата дигитална трансформација.

Што значат тие промени за Стопанска банка АД − Скопје? Што ќе се промени функционално и организациски и како тоа се одразува на вашите клиенти?

Д. Николетопулос: Стопанска банка, потпирајќи се на своето 80-годишно успешно наследство, сега влегува во период на смели и на значајни промени кон поагилен оперативен модел уште повеќе фокусиран на клиентите. Се разбира, ваквата промена ќе се води најмногу од технологијата и од напредокот кој таа го нуди. Затоа, преку детална анализа на нашите процеси, ќе можеме да интегрираме напредни дигитални алатки кои ќе овозможуваат поголема ефикасност и полесен процес на одлучување. Во рамките на нашиот тим градиме култура на иновации и создаваме нови ролји со чија помош ќе одговориме на потребите од дигиталната ера. Верувам дека трансформацијата ќе значи дека ќе останеме високо конкурентни додека ја исполнуваме нашата мисија да бидеме партнер од доверба на нашите клиенти.
За нашите клиенти, трансформацијата ќе значи 24/7 персонализирано банкарско искуство со фокус на дигитални канали и на сервиси. Со постојаното проширување на дигиталните алатки, клиентите ќе имаат побрз, поинтуитивен пристап до нашите производи и услуги, без разлика дали аплицираат за кредитен производ, раководат со своите заштеди или се во потрага по финансиски совети. Во исто време создаваме повеќе простор за одржување на најзначајниот елемент – личниот пристап, што значи дека нашите корпоративни клиенти и граѓаните ќе можат да се потпрат на нашите експертиза и поддршка секогаш кога им се потребни.

Кога сме веќе кај иднината, како го гледате идниот економски развој на нашава земја и на регионот?

Д. Николетопулос: Северна Македонија и регионот имаат голем потенцијал и тажен сум што овој потенцијал не беше целосно искористен во изминативе децении. Елементите како што се корупцијата, нефункционалната администрација и неефикасниот судски систем го попречуваат развојот и значително ја одложуваат интеграцијата на земјата кон глобалните пазари.
За да обезбеди стабилен економски раст, земјава треба повеќе да се фокусира на дигитализацијата (и намалувањето на администрацијата), како и на инвестициите во клучните сектори − инфраструктурата и енергијата. Такви придвижувања ќе помогнат за привлекување нови странски инвеститори. Од друга страна, потребни се реформи и во образованието, во здравството, во заштитата на животната средина и во подобрувањето на севкупниот квалитет на живот бидејќи овие слабости се наведуваат како главни причинители на огромната миграција која ги ослабува економиите од регионот на повеќе начини.
Со коренити реформи, со поттикнување на иновациите и со зајакнување на регионалната соработка, верувам дека можеме да отклучиме нови можности за трговија и за инвестиции и да бидеме сведоци на напредокот на економијата.
Би ги коментирал и очекувањата од кредитната линија од 500 милиони евра која Владата ја договори. Од износот, 250 милиони евра се наменети за мали и средни бизниси и 250 милиони евра за финансирање на проекти на општините. Банките го поздравуваат овој дополнителен прилив на средства што домашните бизниси ќе можат да ги користат со пониски каматни стапки за финансирање на своите инвестициски циклуси. Со правилна распределба, средствата сериозно можат да помогнат во создавање на нови работни места и воведување свеж потенцијал на пазарот и со тоа пролонгирано влијание врз целата економија. Ќе ја играме нашата улога во реализацијата на кредитната линија преку советување и евалуација, притоа почитувајќи ги потребните мерки за ризик.

Што може да се направи за продлабочување на соработката со грчката економија?

Д. Николетопулос: Можноста за продлабочена соработка со грчката економија лежи во силните врски меѓу нашите земји како што се: заеднички индустриски проекти, подобрени трговските односи и олеснување на прекуграничните инвестиции. Дополнително, соработката во области како што се дигиталните иновации, енергијата и инфраструктурата може да ги зајакне економските врски, поттикнувајќи заеднички раст и развој. Стопанска банка се приклучи на Групацијата НБГ уште во 2000 година и оттогаш дејствува за поврзување на меѓусебните соработки. Остануваме посветени да ја играме оваа улога сега дотолку повеќе бидејќи деловните односи се во подем и народите и земјите се чувствуваат поблиски од кога било.

Економија и бизнис, декември 2024

Пребарај

Најчести прашања

Доколку ви е потребен банкомат посетете го делот Локации на нашата веб страна, каде што може да го најдете најблискиот банкомат до вас.

За аплицирање за некој од нашите кредитни производи посетете го делот Кредити, каде што ќе може да аплицирате online или пак да аплицирате телефонски на бројот 15 110.

За увид на сметка online мора да имате корисничко име и лозинка за кои е потребно да се обратите во најблиската филијала. Преку e-banking и m-banking сервисите имате достапност од 24/7 online увид и плаќања преку вашите сметки.

За аплицирање за некоја од нашите кредитни картички, онлајн, може да го користите следниов линк Картички, доколку пак сакате индивидуални пресметки и телефонски да аплицирате може да се обратите на телефонот 15 110 - Ало Кредит.

 

24 часа КОНТАКТ ЦЕНТАР

За дополнителни информации обратете се на

Веб-страницата на Стопанска банка АД - Скопје користи „колачиња" кои собираат податоци за корисниците. Овие податоци помагаат на Банката да обезбеди подобро корисничко искуство, како и подобра функционалност на услугите и веб-страницата. Со одбирање на опцијата „Ги прифаќам сите колачиња" давате согласност за начинот на кој ги користиме „колачињата". За други опции, одете во „Поставки за колачиња". Дополнително, користењето на веб-страницата на СБ не е условена од прифаќањето на колачињата иако на тој начин одредени процеси може да не бидат технички оптимизирани за вашето лично корисничко искуство. За повеќе информации, посетете ја нашата Политика за колачиња.