Финансиските резултати за 2024 година резултат на органски пораст
31. 1. 2025
Финансиските резултати за 2024 година резултат на органски пораст
Стопанска Банка АД Скопје го продолжи континуитетот во остварување на значителни финансиски резултати и во 2024 година, во услови на големи предизвици предизвикани од инфлаторните притисоци, влијанието на каматните стапки, геополитичката состојба, која глобално се рефлектира на финансиските движења, зголемените регулативни барања и слично. Остварената добивка e резултат пред се на органскиот раст остварен од редовната работа на Банката, одлично поставениот бизнис модел и врвната професионалност на менаџментот и вработените. 2024 година Банката ја заврши со добивка пред оданочување и исправка на вредност изнесува 5.316.208 илјади денари (86.4 милиони евра), додека добивката пред оданочување за 2024 година изнесува 4.141.116 илјади денари (67.3 милиони евра) и е за 7 % повисока во однос на минатата година.
Притоа, како резултат на новиот Закон за глобален данок, Банката пресмета дополнителен данок, кој заедно со останатиот данок на добивка изнесува 593.760 илјади денари (9.7милиони евра), со што добивката по оданочување изнесува 3.547.356 илјади денари (57.7 милиони евра).
Нето-приходите од камати изнесуваат 6.171.648 илјади денари и се зголемени за 8 % во однос на минатата година, резултат во кој најголемо учество имаат каматните приходи од кредитни активности и каматните приходи од позициите за ликвидност (меѓубанкарски пласмани, депозити и вложувања во хартии од вредност), кои забележаа пораст како резултат на зголемената ликвидност на Банката која произлегува од депозитите.
Нето-приходите од провизии и надоместоци изнесуваат 864.918 илјади денари и во однос на минатата година бележат зголемување од 6 %.
Одржувањето на квалитетот на кредитното портфолио и управување со кредитниот ризик е една од приоритетните цели на Банката. Оттука, во 2024 година, Банката издвои исправка на вредност на финансиските средства и посебна резерва за вонбилансна изложеност, на нето-основа, во износ од 1.175.092 илјади денари.
Вкупната актива на Банката во анализираниот период изнесува 144.011.499 илјади денари (2.341,8 милиони евра), односно е повисока во однос на 2023 година за 10 % или 12.648.574 илјади денари.
Кредитите на и побарувања од други комитенти нето изнесуваат 98.874.543 илјади денари (1.607,8 милиони евра) и се поголеми за 7 %, односно за 6.567.459 илјади денари во однос на 31.12.2023 г.
Капиталот и резервите изнесуваат 29.236.157 илјади денари (475.4 милиони евра) , што претставува зголемување за 14 % во однос на минатата година. Дополнително, Банката пренамени износ од 2.460.000 илјади денари од задржаната добивка од претходни години во добивка ограничена за распределба на акционерите во иднина, со што се зголемија сопствените средства и стапката на адекватност на капиталот, која изнесува приближно 18 %.
Стопанска банка АД - Скопје ги проектира своите деловни активности во согласност со сите очекувања за макроекономскиот амбиент во следниот период, со целосна ориентираност кон поддршка на клиентите, прудентно управување со ризиците и одржување на високата стабилност, сигурност и ефикасност во сите сегменти од работењето, вклучително и одржување на значајно пазарно учество. Банката оваа година го одбележа значајниот јубилеј од 80 години од основањето, потврдувајќи ја својата улога на финансискиот пазар. Иако припаѓа на групата традиционални и конзервативни банки, Стопанска е истовремено иновативна и модерна институција, отворена за нови проекти и иновации. Како дел од Групацијата НБГ, Банката има уникатна можност да ги искористи и имплементира најдобрите практики, производи и услуги, поддржана од богатото знаење и искуство во примената на глобалните стандарди и најсовремените финансиски решенија. Во втората половина на 2024 година, Банката го започна проектот „Трансформација“, со цел да воведе значителни иновации, пред сè во делот на дигитализацијата, модернизација на ИТ системите, автоматизација на процесите, подобрување на понудата на нови производи и услуги за клиентите, како и оптимизација на оперативниот модел во целост, со што Банката се подготвува за предизвиците и можностите на иднината. Веќе интензивно се гради и новата управна зграда во согласност со ESG стандардите и со користење на енергетски ефикасни материјали. Банката неуморно вложува во развојот на вработените, унапредување на работните услови и на тимскиот дух. СБ и понатаму продолжува да ги надградува и проектите кои во фокусот ја имаат животната средина, инклузијата и создавањето на подобар свет за сите.