header image

Ексклузивно интервју со генералниот директор на НБГ: Подготвени за понатамошна експанзија

30. 5. 2023

 

Ексклузивно интервју со генералниот директор на НБГ: Подготвени за понатамошна експанзија

 

Го споделуваме во целост интервјуто со г. Пол Милонас, Генерален директор на НБГ објавено на www.bloombergadria.com:

Сè уште постојат значителни домени на загриженост, поради тоа што кризата во Украина сè уште е во тек, заживувањето на економската активност во Кина зема замав, а енергетските пазари остануваат чувствителни на геополитичките фактори. Гореспоменатите извори на неизвесност, заедно со потенцијалните ефекти на бранувања од нестабилностите во банкарскиот сектор на САД, може да натежнат на економскиот раст и условите на финансиските пазари, усложнувајќи ги на тој начин одлуките на монетарните политики, вели во ексклузивно интервју за „Блумберг Адрија“ Павлос Милонас, генерален извршен директор на Националната банка на Грција (НБГ). Оваа грчка банка во Македонија ја поседува Стопанска банка, а со Милонас зборувавме и за можни други аквизиции и регионални аспирации. Интервјуто го правиме во вонредна ситуација, која се наметна по руската инвазија на Украина. Во овие услови, инфлацијата стана главен проблем. Централните банки се обидуваат да го запрат трендот на растечки животни трошоци преку монетарни мерки, што влијае на работата на банкарскиот сектор.

П: Од ваша гледна точка, колку е успешна досега борбата со инфлацијата (растот на цените во еврозоната забави, но помалку од очекуваното)? Кои се сега клучните потреби?

г. Милонас: Големите централни банки се обидоа да го запрат порастот на инфлацијата, која започна со брзото закрепнување на економијата по пандемијата – во услови на бавно приспособување на понудата низ светот – и која се интензивираше со инвазијата врз Украина и нејзините тешки геополитички и енергетски импликации. Поради неизвесноста во однос на развојот на пандемијата, почетокот на зголемувањето на каматните стапки и постепеното повлекување на вонредните мерки за поддршка на ликвидноста се спроведе подоцна отколку што беше оправдано врз основа на постојните економски услови, односно робустен раст на БДП и невработеност на или блиску до најниските историски нивоа во големите економии од 2021 година, но нагло се забрза од вториот квартал на 2022 година.

Намалувањето на тензиите на енергетските пазари и ослабувањето на другите притисоци на страната на понудата, заедно со продолженото затегнување на финансиските услови, придонесоа за забавување на вкупната инфлација во првите четири месеци на 2023 година, иако дистанцата од целите за инфлацијата на среден рок останува значителна. Вкупната инфлација се очекува да забави понатаму со подобрување, кое до средината на 2023 година ќе продолжи надолу до базичната инфлација. Понатаму, и покрај брзото затегнување на политиките, до денес се избегна целосна рецесија, како во САД така и во еврозоната, каде што и пазарот на трудот и бизнис-секторот останаа во здрава состојба. Сепак, поради одложениот ефект во трансмисијата на монетарната политика, притисоците врз економската активност може да се интензивираат во текот на 2023 година. Неодамнешните турбуленции во дел од банкарскиот сектор во САД, случувањата со банката „Кредит Суис“ (Credit Swiss) и растечките сигнали за нагло забавување на кредитниот раст, покажуваат дека се доближуваме до врвот на циклусот на затегнување на монетарната политика во САД, а истото тоа ќе се случи и во еврозоната кратко потоа.


П: Претседателката на Европската централна банка, Кристин Лагард, изјави дека борбата за скротување на инфлацијата не е завршена и сè уште е потребна акција. Какви се вашите согледувања – кога би завршил овој циклус, кога би се постигнала целта?

г. Милонас: Циклусот на затегнување на ЕЦБ исто така се чини дека се ближи кон крајот, поради тоа што инфлацијата покажува сигнали на забавување, иако до средината на 2023 година се очекува уште едно зголемување на каматните стапки од 25 до 50 базични поени. Состојбите на пазарот на трудот во ЕУ се чини не претставуваат закана по ценовната стабилност, а исто така и одлуките на ФЕД се земаат предвид при реакцијата на ЕЦБ.

Очигледно е дека сè уште постојат значителни домени на загриженост, поради тоа што кризата во Украина сè уште е во тек, заживувањето на економската активност во Кина зема замав, а енергетските пазари остануваат чувствителни на геополитичките фактори. Гореспоменатите извори на неизвесност, заедно со потенцијалните ефекти на бранувања од нестабилностите во банкарскиот сектор на САД, може да натежнат на економскиот раст и условите на финансиските пазари, усложнувајќи ги на тој начин одлуките на монетарните политики. ЕУ останува ранлива на енергетскиот фронт затоа што на нејзината амбициозна стратегија за енергетска транзиција ќе ѝ треба повеќе време да даде плод, но истата таа покажува здрава економска основа заедно со одржливиот и силно регулиран банкарски столб.

П: Од друга страна, рестриктивната политика влијае врз растот, банките веќе ги зголемуваат каматните стапки и затегнувањето има пошироко влијание. Во оваа смисла, кои се губитниците?

г. Милонас: Навистина, предвиденото забавување на економскиот раст во еврозоната, од 3,5 отсто во 2022 година на околу 1 процент во 2023 година, во најголем дел го отсликува ефектот од монетарното затегнување заедно со укинувањето на мерките за фискална поддршка и продолжените ефекти од инфлацијата и ребалансот на политиките врз расположливиот доход. Сепак, ударот врз економскиот раст ќе беше многу поголем доколку инфлацијата останеше надвор од контрола.

Зголемувањето на каматните стапки на централните банки во значителна мера се пренесува на каматните стапки во кредитирањето, што доведува до одново ревидирање на цените во банкарските кредитни портфолија. Влијанието не е исто за секого. Кредитокорисниците засилено се обидуваат да го хеџираат ризикот од каматните стапки додека порастот на конкуренцијата има тенденција да ги намали каматните маргини во кредитирањето на висококвалитетните кредитокорисници. Верувам дека финансиските последици од затегнувањето ќе можат да бидат полесно управувани во економиите како Грција, со приватен сектор што има ниска задолженост и банкарски систем со силна ликвидносна позиција.

П: Дали има намалување на побарувачката за кредити, особено од страна на бизнис-заедницата, и секако дали исто така очекувате зголемување на неспособноста за отплата на кредитите?

Г. Милонас: Како што споменав и претходно, блиску сме до врвот на монетарното затегнување, но целосните ефекти од тоа врз финансиските и економските услови ќе се видат до крајот на годината.

Во однос на побарувачката за кредити, досега немаме какво било забавување кај кредитите одобрени на грчки компании за инвестициски цели, поради тоа што економијата останува на јака нагорна траекторија за развој – значително одминувајќи го просечниот пораст во еврозоната. Понатаму, средствата од Европскиот план за обнова и одржливост (RRF) зедоа замав, со низа приватни и јавни инвестиции во тек, кои се на историски највисоки нивоа. Оттаму, нашите очекувања за порастот на кредитите за 2023 година остануваат амбициозни.

Што се однесува до трендовите на нови нефункционални пласмани, продолжуваме да целиме на стабилен коефициент на нефункционални пласмани од околу 5 проценти за оваа година. Нашите клиенти, како компаниите така и домаќинствата во Грција, одржуваат големи резерви од готовина, додека обртот и профитабилноста на компаниите се на повеќегодишни највисоки нивоа, а трендот во вработувањата останува позитивен.


П: Во последниот период сведоци сме исто така на некои турбуленции во банкарскиот систем, кои и вие ги споменавте – сега првенствено зборувам за САД, особено по падот на СВБ (SVB), за што делумно прстот се впери и во потезите на затегнување на ФЕД. Дали е можна поголема банкарска криза?

Г. Милонас: Навистина, пресвртот во движењето на каматните стапки и забрзаното монетарно затегнување што следуваше по долг период на негативни стапки создадоа притисок во слабите алки на финансискиот сектор, како во САД така и во Европа. Сепак, секој од овие случаи беше различен, со претходно постојни оперативни ранливости и слабости во билансот на состојба, кои беа нагласени во услови на повисоки стапки и негативен сентимент кај инвеститорите.

Во тоа светло, со оглед на робусноста на финансиските институции во Европа, заштитени со строг регулаторен надзор, сметам дека е малку веројатна некакво прелевање од изолираните настани на кои бевме сведоци.

П: Претходната година беше добра за банките во Европа, меѓу другите и за НБГ, имате раст на профитабилноста, но тоа се покажа како послаба страна во билансните состојби за таа година. Како ги креирате плановите за следната година во овие услови?

Г. Милонас: Нашите сегашни очекувања за растот во Грција за 2023 година се речиси 2,5 отсто, поткрепени со силниот раст на инвестициите, поддржан од постојаниот пораст на извозот и отпорноста на приватната потрошувачка.

Во ова опкружување на економски раст предводен од инвестиции, нашиот нето-каматен приход ќе има бенефиција од одржливото проширување на кредитирањето и нашето кредитно портфолио, дополнето со повисоки основни стапки, додека нашите приходи од провизии ќе капитализираат од поголем обем на активности, зголемената активност за финансирање на трговијата, како и вкрстената продажба на нашите картички, инвестициски производи и банкоосигурување, сето тоа олеснето со нашата брза дигитална трансформација.

Стратегиските партнерства и заедничките вложувања се очекува дополнително да го поттикнат растот на приходите.
Што се однесува до трошоците, ќе продолжиме да го одржуваме нашиот Опекс (OpEx) и покрај инфлацискиот притисок. Нашите трошоци за кредитен ризик се очекува да останат во голема мера на слични нивоа од 2022 година, како одраз на гореспоменатите поволни трендови во квалитетот на активата досега.
Сè на сè, очекуваме позитивно влијание врз нашиот основен RoTE, кој ќе се одржи на двоцифрено ниво.


П: Дали можеби планирате некакви преземања во регионов?

Г. Милонас: Пејзажот на финансиските услуги на глобално ниво и во регионот на ЈИЕ е многу различен денес во споредба со минатото, и како резултат на тоа постојат различни стратегиски опции кон кои може да стреми една финансиска групација како НБГ. Следниот бран на неорганска експанзија на НБГ можеби нема да биде фокусиран на брик енд мортар („brick&mortar”) преземања на банки во регионот, туку може да вклучи преземања или партнерства со финтек и технолошки компании во Грција или во странство.

Нашата стратегија е да се стремиме кон стратегиски трансакции или партнерства што се вредносни за нашите акционери или додаваат на нашите конкурентни предности на среден до долг рок. На пример, неодамна завршивме заедничко вложување со ЕВО Пејментс (EVO Payments), во областа на стекнување трговци (што може да се прошири надвор од границите на Грција), како и стекнување малцински удел во грчката технолошка компанија „Епсилон нет“ (EpsilonNet) (која има присуство и во регионот на ЈИЕ). Двете трансакции носат нови способности за групацијата НБГ, овозможувајќи ни да допреме до поширока база на клиенти, со иновативни услуги и производи.

П: Од друга страна, кои се вашите стратегиски аспирации за нашиот пазар?

Г. Милонас: Групацијата НБГ ја одржува водечката улога на банкарскиот пазар во Северна Македонија повеќе од 20 години, преку својата подружница Стопанска банка АД - Скопје. Горди сме на досегашниот перформанс во работењето и придонесот на Стопанска банка во локалната економија и многу сме посветени на пазарот и на натамошно зајакнување на врските помеѓу Грција и Северна Македонија во иднина.

Навистина, нашата стратегија за раст на Стопанска банка се фокусира на креирање синергии меѓу двете земји – преку финансирање значајни прекугранични инвестиции и регионални проекти, на пример во енергетскиот сектор, како и преку пренесување знаења и експертиза за важни теми, како што се дигиталната трансформација и ЕСГ (ESG).

Наша цел е Стопанска банка да продолжи да создава попросперитетна и одржлива иднина заедно со своите клиенти и заедниците што ги опслужува низ Северна Македонија, а уверени сме дека со луѓето од Стопанска банка и групацијата НБГ ќе го постигнеме тоа.

Новинар: Александра Томиќ

Пребарај

Најчести прашања

Доколку ви е потребен банкомат посетете го делот Локации на нашата веб страна, каде што може да го најдете најблискиот банкомат до вас.

За аплицирање за некој од нашите кредитни производи посетете го делот Кредити, каде што ќе може да аплицирате online или пак да аплицирате телефонски на бројот 15 110.

За увид на сметка online мора да имате корисничко име и лозинка за кои е потребно да се обратите во најблиската филијала. Преку e-banking и m-banking сервисите имате достапност од 24/7 online увид и плаќања преку вашите сметки.

За аплицирање за некоја од нашите кредитни картички, онлајн, може да го користите следниов линк Картички, доколку пак сакате индивидуални пресметки и телефонски да аплицирате може да се обратите на телефонот 15 110 - Ало Кредит.

 

24 часа КОНТАКТ ЦЕНТАР

За дополнителни информации обратете се на

Веб-страницата на Стопанска банка АД - Скопје користи „колачиња" кои собираат податоци за корисниците. Овие податоци помагаат на Банката да обезбеди подобро корисничко искуство, како и подобра функционалност на услугите и веб-страницата. Со одбирање на опцијата „Ги прифаќам сите колачиња" давате согласност за начинот на кој ги користиме „колачињата". За други опции, одете во „Поставки за колачиња". Дополнително, користењето на веб-страницата на СБ не е условена од прифаќањето на колачињата иако на тој начин одредени процеси може да не бидат технички оптимизирани за вашето лично корисничко искуство. За повеќе информации, посетете ја нашата Политика за колачиња.