header image

Интервју со г. Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор

11. 2. 2022

 

Интервју со г. Диомидис Николетопулос, Генерален извршен директор и Претседател на Управниот одбор

 

Објавено во магазинот Капитал на 11. 2. 2022

Г-дин Диомидис Николетопулос е еден од ветераните на македонската банкарска сцена, се разбира вклучително со неговото претходно искуство на високи менаџерски позиции и во родната Грција. На чело на Стопанска банка – АД Скопје е од 2013 година, а во самата Банка е од 2009 – та и како што вели во ова интервју за Капитал, го радува тоа што е дел од локалната банкарска историја,  особено во годините кога пазарот брзо се развивал, напредувал и станал многу попрофитабилен и консолидиран.



Капитал: Од март 2020 година, пандемијата со КОВИД е глобална тема – како Стопанска банка се справи со неа?

Да, сосема неочекувано веќе две години светот се наоѓа во непредвидлива криза која без преседан се одрази на општествениот и економскиот живот на сите нас. Светот се справува со нешто непознато што допре до секој дел од планетата, до секое семејство и до секој еден човек.

Соочена со толку значајно пореметување, Стопанска банка како системска значајна банка, мораше веднаш да реагира и во новите околности да ги обмисли процесите за да обезбеди деловен континуитет и да им остане на располагање на корпоративните клиенти и на населението, нудејќи им стабилност за време на пандемијата. Фокусот на деловниот континуитет во исто време значеше барање на начини за одржливост и профитабилност, кои се клучни кога се зема во предвид нашето значење за националната економија.

Горди сме што имавме значаен удел во раните решенија и активности кои ги презедоа Владата и Народната банка со цел намалување на економскиот притисок врз клиентите и тоа што можевме во исто време да понудиме помош за здравствениот систем преку значајни донации за клучните клиники и ковид центрите. Нашeто размислување секогаш билo дека кога и да сме во можност да направиме нешто добро, ќе го направиме, а поттикот овој пат беше да бидеме дел од решението, дел од напорот да се излезе од ковид пандемијата и кризата која со себе ја донесе и верувам дека успеваме во напорите.

Морам да нагласам дека како надополнување на долгорочниот многу успешен период на раст во кредитирањето на население, изминатите години посебен нагласок се стави на развојот на корпоративното кредитирање, како за големи компании, така и за средни, мали и микро компании. Наспроти негативните услови во економијата заради пандемијата, нето порастот на корпоративните кредити достигна 16% во 2021 и очекуваме овој тренд да продолжи и да се зајакнува во следните години.
Сепак, се чини дека пандемијата со КОВИД прераснува во ендемска болест – кои се тековните предизвици кои ќе нè загрижуваат во блиска иднина? Ќе може ли овие ризици да влијаат негативно на банкарскиот сектор, односно да го нарушат процесот  на наплата?

После овие две тешки години, се чини дека општествата се подготвуваат за нормализирање, но во исто време остануваат големи предизвици кои мора да бидат адресирани. Покрај децениските политики за справување со економските проблеми во земјата, сега поради пандемијата новите предизвици со кои глобално се соочуваме се растот на цените на енергенсите, на репроматеријалите, на производите, транспортот и сл. но и растот на инфлацијата која од своја страна, порано или подоцна ќе донесе и нагорно придвижување на каматните стапки. Tука треба да се спомене и несигурноста која продолжува во врска со евроинтеграциските  процеси на земјата, но и фактот што освен во градежништвото, нема адекватно ниво на инвестиции од локални и странски инвеститори.

Зголемените трошоци за  бизнисите и во секојдневното живеење негативно влијаат врз профитабилноста на компаниите и на расположливиот приход на граѓаните, што, пак влијае врз нивната намера и можност да пристапат до нови кредитни производи и врз можноста за редовно сервисирање на обврските кои произлегуваат од тековната кредитна изложеност.

Очигледно, потребни ни се брзи и ефикасни одговори и решенија, за да се избегнат ефектите од ризиците и неизвесностите врз целата економија вклучително и банкарскиот сектор, поконкретно врз порастот на депозитите и кредитите, но и врз квалитетот на кредитното портфолио на банките.

Сепак, ние во Стопанска банка остануваме оптимисти и имаме план за значаен развој во сите деловни сегменти. Спроведуваме оптимизирање на операциите кои ќе осигурат сличен континуитет, а не гледам зошто не и подобар, од успешниот начин на работа кој го имавме досега. Банката има воспоставено ефективен механизам, што ги опфаќа сите сегменти на работењето вклучително и целиот процес на кредитирање и и овозможува на Банката да го развива и успешно да го контролира квалитетот на своето кредитно портфолио.

Капитал: Речиси сите банки веќе ги објавија неревидираните финансиски извештаи од 2021 година и очигледно е дека добро сте сработиле – какви се резултатите на Банката во 2021?

Да, банкарскиот сектор одработи многу добро во 2021 и тоа најмногу благодарение на силната основа и на адекватните нивоа на ликвидност кои овозможија понатамошен бизнис развој. Многу сме горди што гледаме дека Стопанска банка повторно и оваа година ги надмина конкурентите и оствари профит пред оданочување од 44 милиони евра.

Морам да нагласам дека како надополнување на долгорочниот многу успешен период на раст во кредитирањето на население, изминатите години посебен нагласок се стави на развојот на корпоративното кредитирање, како за големи компании, така и за средни, мали и микро компании. Наспроти негативните услови во економијата заради пандемијата, нето порастот на корпоративните кредити достигна 16% во 2021 и очекуваме овој тренд да продолжи и да се зајакнува во следните години.

Банката ги задржа одржливите извори на средства, работејќи со ниски оперативни трошоци и одличен менаџмент на резервациите, дури и за време на ковид кризата која со себе донесе многу турбуленции и трошоци.

Капитал: Која е причината за успешниот тек на работење на Банката толку години, особено во ек на вака сериозна криза?

Откако пред 20 години Стопанска банка АД – Скопје стана членка на НБГ групацијата, континуирано имплементира современи банкарски деловни политики кои за Банката значат алатки за поставување на јасна и конзистентна стратегија за извршување на амбициозните деловни планови на успешен и ефективен начин. Континуираниот успех нè донесе на позиција да сме Банка со највисок капитал и со најголемо кредитно портфолио на пазарот и Банка која работи со висококвалитетна актива, што, од своја страна, дозволува соодветно ниво на трошоци за исправка на вредност и резервации.
Стопанска банка исто така оптимално ја користи депозитната база преку пласирање во структура на средства со адекватен принос, во интерес на сите вклучени страни.

Успехот исто така ни ја дава големината да можеме да инвестираме во технолошки напредни решенија кои го помагаат нашиот пристап со клиентот во фокусот градејќи притоа интерперсонални односи со клиентите и постојано зајакнувајќи го брендот. Имаме изградено генерации на високо професионален, искусен и лојален кадар и менаџмент кој проактивно е вклучен во понатамошниот развој на банкарскиот сектор преку учество во локални професионални мрежи и групи на тој начин дополнително зајакнувајќи го целиот систем.



Капитал: Депозитите се чини растат од година во година, овозможувајќи им на банките да го зголемат кредитирањето кон населението и компаниите – дали верувате дека овој тренд ќе продолжи наспроти најниските каматни стапки досега?

Банкарските депозити продолжуваат да растат наспроти историски најниските каматни стапки, што е значаен сигнал дека банкарскиот систем ужива голема доверба кај штедачите, иако треба да се признае дека на пазарот постојат ограничени алтернативи на штедењето. Движењата на каматните стапки е одраз на глобалните трендови и на стапките на инфлација. Пасивните и активните каматни стапки се поврзани, што создава услови кредитните производи да бидат со најдостапни каматни стапки и тоа да доведе до понатамошна кредитна експанзија и кај населението и кај компаниите кои ги користат кредитните производи за остварување на своите животни соништа и деловни амбиции.

На пазарот, трите најголеми банки чуваат речиси 5 милијарди евра во депозити, со речиси балансирана валутна структура. Оваа значајна депозитна база го движеше кредитниот раст низ годините, меѓутоа како што нагласив претходно, растот на животните трошоци и намалувањето на расположливиот доход може да има негативен ефект врз нивото на заштедите.

Токму бидејќи нивото на депозитите е еден од главните предуслови за развојот на банкарскиот сектор а со тоа и на целокупната економија, сите, а посебно носителите на економските политики, мора да имаат во предвид дека е потребна ефективна и паметна стратегија за привлекување на нови депозити и капитал, зборуваме најмногу за увозен капитал, а таа стратегија може да биде потпомогната со очекуваниот пораст на каматните стапки.

Капитал: Владата и други државни авторитети како Народната банка прогнозираат раст на економијата од 4% за годините пред нас – дали овој раст е задоволителен и доволен да создаде доволно приходи за бизнисите и граѓаните да може да преживеат во глобализираниот систем со бројните предизвици кои ги носи?

Ја делиме истата проценка за перспективите на економијата. Меѓутоа, според мене, мора да бараме поголем раст, бидејќи овие нивоа можеби се задоволителни за развиените земји, но во нашиот случај БДП основата е многу ниска и овој процент на предвиден развој не е доволен да се соочиме со глобалните предизвици.

Исто така, поради хроничната слабост и дисторзија во социо – економските модели, сегашната креирана вредност како и претстојниот раст на БДП не се распределува пропорционално во сите слоеви на општеството, оставајќи притоа голем дел од населението надвор од пазарот, со што се оневозможени да дадат свој придонес за економијата.

Оттука, напорите на сите нас треба да бидат насочени кон поголем пораст на БДП но и негова дистрибуција на пофер начин низ општеството, создавајќи преку нормална дистрибуција на приходите силна средна класа, приближна на таа во развиените земји.

Поради хроничната слабост и дисторзија во социо – економските модели, сегашната креирана вредност како и претстојниот раст на БДП не се распределува пропорционално во сите слоеви на општеството, оставајќи притоа голем дел од населението надвор од пазарот, со што се оневозможени да дадат свој придонес за економијата. Оттука, напорите на сите нас треба да бидат насочени кон поголем пораст на БДП но и негова дистрибуција на пофер начин низ општеството, создавајќи преку нормална дистрибуција на приходите силна средна класа, приближна на таа во развиените земји.

Капитал: Согледувајќи ги овие слабости, што мислите дека треба да се направи за економијата да ги надмине проблемите и да им даде на граѓаните нови перспективи за иднината?

Република Северна Македонија е мала земја и мала економија од обем со отприлика 12 милијарди евра БДП што е само по себе недостаток. Меѓутоа, покрај други значајни предности со кои располага економијата, мора да се справуваме со неразрешените проблеми на т.н. „политички ризик и ризик за земјата“ кои за секој сериозен инвеститор се видливи уште пред да почне да размислува и анализира можности за бизнис во земјата.

Оттука, сметам дека во случај ризиците на земјата некако да се премостат, на државата и на економијата ќе и остане да се бори со органската интроверзија. Неопходни се инвестиции во инфраструктурата која ќе ја отвори земјата за повеќе трговија, транзит, туризам што со себе носи повеќе работни места и можности и секако тоа не само за Скопје туку и за другите региони кои изобилуваат со потенцијал кој чека да биде употребен.

На агендата за подобрување секако остануваат комплексната бирократија, нецелосно ефикасната администрација и хроничните посочувања за корупција и непотизам, ефикасноста на судскиот систем а притоа сето ова има значајно влијание врз економскиот развој. Континуиран и забрзан развој евентуално ќе ги разводни корените на овие негативни појави и земјата ќе стане уште поатрактивна за нови инвеститори кои ќе отворат нови работни места и дополнително ќе ја зајакнат економијата.

Забележливо е пренасочувањето на едукативниот систем кон создавање на вештини кај студентите неопходни за модерните економии и верувам дека со соодветни програми можеме овие способни професионалци да ги задржиме во земјата, наместо да им ги сервираме на развиените економии како што е случајот во изминатите децении.

Од оваа гледна точка, покрај поттик за традиционалните бизниси кои нè прават горди и се главни конкурентски  предности на земјата, потребно е дополнително да се обезбеди поддршка и за технолошките стартап бизниси кои можат да создадат нови полиња на конкурентски  предности за нас.

Како што може да се забележи, постои растечка фрустрација и дефетизам во социо – економскиот живот па, неопходно е да се искористи потенцијалот за да се создаде политичка, економска и духовна елита со визија, динамичност, оптимизам, верба и самодоверба од која ќе произлезат големи нешта.

Сето ова може да помогне да се намали загрижувачкиот тренд на млади луѓе кои ја напуштаат земјата, да останат и да растат економски тука, создавајќи вредност за сите.

Капитал: Како ветеран во домашниот банкарски сектор, како би го оцениле развојот на секторот односно каде најмногу напредувал и каде има се уште простор за развој?

Откако од 2009-та се приклучив на локалниот пазар истиот е видно променет и тоа заедно со економијата и целосната бизнис клима. Ме радува што имам можност да бидам дел од локалната банкарска историја особено во годините кога пазарот брзо се развиваше, напредуваше и стана многу попрофитабилен и консолидиран. Сега пазарот е целосно поинаку поставен. Банките се модернизирани, ориентирани кон клиентите, водени од технолошкиот развој и нудат многу повеќе за заедницата и за економијата.

На чело на Стопанска банка дојдов во 2013 – та година и гледано од сегашна перспектива, Стопанска банка ужива во една од најдобрите години во својата историја и сето тоа се одразува на вработените, на заедницата и на економијата во целост. Благодарение на успехот во можност сме да поддржиме поголеми и позначајни проекти, силни сме доволно да надминеме глобални предизвици како што е пандемијата, продолжуваме да инвестираме во нашите луѓе кои потоа не’ водат уште понапред, инвестираме во нашите деловни простории и во технолошката инфраструктура и едноставно, можеме да погледнеме и да планираме понапред со цел да останеме едни од најдобрите, како во корпоративното банкарство, така и во банкарството за население.



Капитал: Стопанска банка е значаен член на НБГ групацијата – како функционира групацијата особено по значајните реструктурирања кои се случија изминатите години?

НБГ Групацијата помина низ значаен процес на реструктурирање кој почна по глобалната економска криза во 2008/9 година и успеа повторно да стане силна и отпорна, фокусирана на новата ера на банкарството. Во таа смисла, Групацијата пристапи кон програм за трансформација од голем обем кој придонесе да се постигне конкурентска  предност и нов ефективен начин на работа и уверени сме дека до крајот на 2022 година Групацијата ќе ги постигне европските критериуми за квалитет на активата. Поконкретно, програмата за трансформација вклучуваше 6 клучни столбови, имено: “Чистење” на билансот на состојба, зајакнување на ефикасноста и агилноста, зајакнување на изворите на приходи, мобилизација на кадар, подобрување на контролите и значајно технолошко унапредување.

Дигиталната трансформација даде импресивни резултати преку ре-инженерингот на клучните процеси, ослободувајќи им повеќе време на вработените да ги услужуваат клиентите. Благодарение на овој чекор НБГ во Грција опслужува речиси 1/3 од дигиталните клиенти што е доказ за огромниот ефект на трансформацијата која секако беше „помогната“ од пандемијата поради која клиентите побрзаа да најдат дигитални решенија како замена на физичките локации, тешко достапни со рестриктивните мерки.

Групацијата сега е профитабилна, многу здрава од аспект на капиталната позиција, стапките на нефункционални кредити се значајно намалени, а воедно и успева да одржува предност во однос на конкурентите со поголема ликвидност, но и со можноста да гледа напред со оптимизам за иднината очекувајќи да игра силна  улога на регионално ниво.

Капитал: Во последните години гледаме забрзано и зголемено влијание на социјалните медиуми во нашите животи. Покрај позитивните елементи, исто така сведочиме и за негативни како што е објавувањето на лажни и неосновани вести при што и Вашата Банка имаше едно негативно искуство со овој феномен. Што мислите, како може да се справиме со тоа?

Живееме во интересно време кога примаме многу повеќе информации на дневна основа отколку што нашите родители примаа месечно, па може и годишно. Многу е тешко да не изреагираме на обемот на информации особено кога тие доаѓаат од индивидуи кои користат прилика да шират дезинформации и тоа на измамувачки привлечен начин – најчесто извртувајќи ја реалноста, импровизирајќи и дури безочно лажејќи ја јавноста.

Само погледнете каква штета предизвикаа дезинформациите во процесот на управување со пандемијата. Без обемните лажни вести и индивидуите (па и некои медиуми) гладни за внимание можеби порано ќе се изборевме со пандемијата и тоа со значително помалку човечки жртви. Ова е сега предизвикот на нашите генерации – да знаеме правилно да ги верифицираме фактите.

Стопанска банка од прва рака ги почувствува лажните вести кои неодговорно и невнимателно беа проширени за нас. Тоа што секако ни помогна е фактот што располагаме со силна структура, нашите вработени се паметни и способни луѓе кои можат да им одговорат на прашањата од клиентите и нивното мислење е ценето во заедницата.

Дополнително, сè уште на пазарот има медиуми вредни за почит, како Вашиот, кои можат да ја оценат опасноста од дезинформациите и кои наоѓаат начини да и помогнат на јавноста да го најде патот до вистината. Направивме значаен напор тогаш да ја увериме јавноста дека нашиот деловен процес е беспрекорен и дека лагите само правеа незабележителни  вознемирувања на секојдневните активности. Мојата порака кон клиентите беше и останува да не заборават дека може секогаш да ни пријдат, да разговараат со нас, да не прашуваат се што ги интересира или загрижува. Нам и во самата мисија ни е да помагаме во едукацијата на јавноста. Тука сме да помогнеме и клиентите да ги водиме низ морето информации кои дневно се објавуваат.

Нашиот контакт центар е достапен 24/7 преку телефон, e-mail па и преку социјалните мрежи. Ја одржуваме редовно нашата веб страница со голем број на информации и податоци за Банката, производите и услугите. Развиваме видео туторијали кога е потребно, држиме презентации и учествуваме во кампањи за финансиска едукација ширум земјата и секако присутни сме со интервјуа и изјави во масовните медиуми. Сето ова е така поставено бидејќи сме почитувана и транспарента компанија со речиси 80 годишна историја и супериорни пазарни резултати. Оттука, навистина сме доверлив извор на информации, а дополнително на тоа сме постојано достапни.

Мојот личен пристап кон процесирање на информациите од медиумите (ТВ, печатени, радио, веб, социјални мрежи и сл.) е секогаш внимателно да читам/слушам, да ги проверам изворите, да ги проверам медиумите кои ми биле докажано релевантни порано и дури тогаш да донесам одлука дали одредена информација треба да ја прифатам или не.

Капитал: За крај, што може да очекуваме од страна на Стопанска банка во годините кои доаѓаат и како може да придонесете за развојот на бизнис климата која ќе дозволи да ја гледаме оптимистички иднината?

Планирањето на годините пред нас станува сè поголем предизвик затоа што сме сведоци на тектонски промени во индустријата и во технологијата. Мора да останеме внимателно посветени на учење, да останеме блиски до нашите клиенти и да ги проценуваме нивните потреби, притоа преку развојот на производи и услуги да ги опслужуваме тие потреби на одржлив начин. Истото важи за сите индустриски гранки. Податоците постојат и мора да ги користиме за да се унапредуваме постојано.

Оттука, тоа што со сигурност знам дека ќе се случува во следните години за сите банки, вклучително и Стопанска банка е дигитализација на интерните процеси, на комуникацијата и каналите за трансакции со клиентите и услугите. Сето ова ќе го правиме на безбедни и стабилни платформи, отворени за постојани надградби и прилагодувања и ќе создадеме додадена вредност не само за нашите клиенти туку и за нашите акционери.

Од аспект на клучниот бизнис, подготвени сме да им понудиме на клиентите финансиски совети и супериорни решенија кои ќе им помогнат да ги остварат своите цели. Стопанска банка е позната по тоа што е Банка која стои зад речиси сите значајни индустриски и инфраструктурни проекти во земјата и сме доволно силни да продолжиме да ја градиме таа репутација. Корпоративните клиенти имаат ширум отворени врати да ни се обратат со своите одржливи проекти и да ја добијат поддршката која им е потребна и да создадат нови можности за вработување во земјата.

Во нашите скорешни планови е и градење на нов дом за Стопанска банка. Новата зграда ќе биде изградена согласно најновите еколошки стандарди и воедно ќе биде соодветна на нашиот бренд и имиџ. Ваквата значајна инвестиција оди во чекор со нашата посветеност кон развојот на вработените и работната средина, затоа што тие се нашата сила потребна да се издржат периоди како што беше глобалната пандемија. Дополнително, Банката ќе ја прошири пазарната понуда преку воведување на лизинг деловна линија. Со тоа ќе се отворат повеќе можности за соработка со нашите клиенти во насока на  целосно задоволување на нивните потреби и преференции за финансиски производи.

И секако, продолжуваме со нешто што е тесно поврзано со имиџот на Стопанска банка: нашата посветеност кон заедницата. Изработивме нова Политика за општествено одговорно однесување развиена во согласност со најдобрите глобални трендови во корпоративното управување. Политиката ќе ни овозможи да пристапиме кон заедницата и да помогнеме заедно да изградиме нови еколошки навики (како велосипедски урбан транспорт), здрави навики (како спорт и рекреација особено кај децата и младите), додадена вредност во образованието (со значителен фокус на финансиската едукација), зајакнување на здравствениот систем (преку инвестиции во опрема која се користи за илјадници граѓани), поддршка за културното наследство итн.

Се надеваме дека со крајот на рестрикциите предизвикани од ковид пандемијата ќе можеме повторно да се најдеме на нашите најпопуларни настани “Вози право, вози здраво“ и “Сонуваме. Менуваме“ кои ни недостигаа и нам и на јавноста овие изминати 2 години.

Откако три години по ред помагаме преку спортските ваучери на голем број спортисти, клубови и федерации оваа година станавме и дел од тимот кој стои зад Олимпискиот комитет на Северна Македонија, со што всушност стоиме зад нашите најнадежни спортисти и ги поддржуваме во нивните аспирации.

За крај ќе кажам само дека Стопанска банка ќе продолжи да расте и да се подобрува и останува на ваша страна.

Пребарај

Најчести прашања

Доколку ви е потребен банкомат посетете го делот Локации на нашата веб страна, каде што може да го најдете најблискиот банкомат до вас.

За аплицирање за некој од нашите кредитни производи посетете го делот Кредити, каде што ќе може да аплицирате online или пак да аплицирате телефонски на бројот 15 110.

За увид на сметка online мора да имате корисничко име и лозинка за кои е потребно да се обратите во најблиската филијала. Преку e-banking и m-banking сервисите имате достапност од 24/7 online увид и плаќања преку вашите сметки.

За аплицирање за некоја од нашите кредитни картички, онлајн, може да го користите следниов линк Картички, доколку пак сакате индивидуални пресметки и телефонски да аплицирате може да се обратите на телефонот 15 110 - Ало Кредит.

 

24 часа КОНТАКТ ЦЕНТАР

За дополнителни информации обратете се на

Веб-страницата на Стопанска банка АД - Скопје користи „колачиња" кои собираат податоци за корисниците. Овие податоци помагаат на Банката да обезбеди подобро корисничко искуство, како и подобра функционалност на услугите и веб-страницата. Со одбирање на опцијата „Ги прифаќам сите колачиња" давате согласност за начинот на кој ги користиме „колачињата". За други опции, одете во „Поставки за колачиња". Дополнително, користењето на веб-страницата на СБ не е условена од прифаќањето на колачињата иако на тој начин одредени процеси може да не бидат технички оптимизирани за вашето лично корисничко искуство. За повеќе информации, посетете ја нашата Политика за колачиња.