Скопје, 25.05.2011

 

Стопанска банка АД - Скопје спонзор на Trash Fashion 2011

 

Стопанска банка АД – Скопје како значаен корпоративен субјект во Македонија неколку години наназад интензивно работи на подобрување на ефектите кои ги има врз животната околина. За овој наш заеднички простор Банката сака да придонесе со намалена емисија на CO2, намалена потрошувачка на електрична енергија, употреба на рециклирана хартија и сл.Дополнително, сервисите кои Банката постојано ги воведува овозможуваат за клиентите пристап до банкарските производи од дома, блиску до домот или до работното место на интернет, преку АТМ или преку телефон. Со тоа, се намалува потребата на клиентите од користење на јавен или приватен сообраќај, се намалува загадувањето предизвикано од сообраќајот а клиентите се позадоволни и имаат повеќе слободно време на располагање.Секако, остануваат уште многу чекори кои Банката заедно со компаниите во Македонија треба да ги направат со цел подобрување на животната средина и истите одговорно и постепено се реализираат. 

Банката интензивно работи и на едукацијата за градење на еколошката свест особено кај помладите генерации кои ќе мораат да посветуваат уште поголемо внимание на животната околина во годините што доаѓаат. Пример за ваквата активност на Банката е и спонзорството на настанот Trash Fashion кој по повод денот на животната средина се реализира во МКЦ на 26.05.2011 година во организација на НВО - ОХО како дел од програмата „Интеграција на еколошката едукација во македонскиот образовен систем“. На настанот ќе бидат присутни над 20 основни и средни школи од Македонија со 50 тимови кои ќе се натпреваруваат со модели креирани од редизајнирани материјали од отпад. Банката со членство во жири комисијата, ќе учествува во изборот на најдобрите модели, ќе додели дел од наградите за победниците и со гордост ќе ги презентира креативните решенија на учениците. 
Фотографии од настанот и дел од моделите Банката ќе изложи во неколку филијали со што ќе продолжи да ја пренесува пораката која учениците од Македонија ја креираа преку проектот Trash Fashion  - со намалување на отпадот и преку неговата ре-употреба можеме значително да ја подобриме состојбата на животната околина.

Затоа, Банката е дополнително горда што до оваа година посебен акцент ќе стави на користењето на новите електронски сервиси кои помагаат во остварувањето на оваа порака. Имено, Стопанска банка АД - Скопје ги повикува клиентите при ажурирање на своите податоци (активност која е во тек за сите клиенти) да го додадат и својот e-mail преку кој во иднина ќе добиваат бројни корисни информации и податоци. Така на пример, наскоро клиентите ќе имаат можност за добивање на месечен извештај по електронска пошта уште на денот на негово формирање што комуникацијата ја прави современа и непосредна. Благодарение на овие новитети, Банката докажува дека ги следи модерните светски трендови и очекува значително да го намали користењето на хартија, загадувањето кое произлегува од транспортот на поштата како и значајно да го подобри сервисот кон своите клиенти.

 

Стопанска банка АД – Скопје,

На ваша страна

 

           

Првата награда ја освои тимот од Средното училиште „Крсте Петков Мисирков“ од Демир Хисар. Наградата од 500 евра за тимот ја додели Константина Панагиотопулу, Заменик генерален директор за банкарство на мало во Стопанска банка АД - Скопје.